Фото: Игор Бансколиев

Основното јавно обвинителство Гостивар поднесе обвинение за убиство против ќерката која е осомничена дека ги убила нејзините родители и помалата сестра во август минатата година. Обвинение е покренато и против две лица кои се осомничени дека ѝ помогнале.

-По сеопфатна истражна постапка, обвинителството обезбеди докази дека првообвинетата сторила кривично дело – убиство, додека другите двајца обвинети за помагање при извршување на истото кривично дело. На 26.08.2018 година, во семејната куќа во Дебар, обвинетата пукајќи од непосредна близина со пиштол со калибар 7,65 мм најпрвин ги лишила од живот сопствените мајка и татко, а потоа и малолетната сестра. Другите двајца обвинети со умисла и помогнале во извршувањето и прикривањето на кривичното дело- соопштија од Обвинителството.

Еден ден пред извршувањето на убиството, првообвинетата телефонски контактирала со второобвинетиот и се сретнала со него во Гостивар. Второобвинетиот изнајмил возило и заедно се упатиле кон Дебар за да набават оружје. Истиот ден, во близина на градската болница во Дебар, се сретнале со третообвинетиот, кој им обезбедил пиштол и рамка со пет куршуми.

По извршувањето на кривичното дело, обвинетата се упатила во Струга, каде се сретнала со второобвинетиот и му ги дала клучевите од изнајменото возило да го врати во Гостивар. Обвинетата со такси отишла на аеродромот во Скопје од каде со авион заминала за Италија.

Обвинителството до Судот достави и предлог за продолжување на мерката притвор за обвинетите лица.