Фото: Архива

Судиите Марин Станевски, Оља Ристова и Даниела Алексовска Стојановска, иако адвокатите на обвинетите побараа, не дозволија јавност на оценката на обвинението за 27 април. Обвинителка во предметот е Ивана Трајчева.

Во судот дојдоа обвинетите и нивните адвокати. Според теоријата на обвинителството, обвинетите Трајко Вељаноски, Спиро Ристовски, Миле Јанакиески и Владимир Атанасовски, на почетокот на 2017 година по неуспешните преговори за формирање Влада, со намера да го загрозат уставниот поредок и безбедноста на земјата, подготвиле и реализирале план со акти на насилство да оневозможат мирно примопредавање на власта на новоформираното парламентарно мнозинство.

Обвинетите, како што наведе Обвинителството, ги организирале и материјално ги поддржале масовните протести, првин пред Државната изборна комисија, а потоа и протестите на движењето „За заедничка Македонија“ што кулминираа со насилното влегување во парламентот на 27 април 2017 година.

Организаторите ја вклучиле севкупната партиска структура и материјални средства за исполнување на целта, притоа овозможиле и континуирано намалување на бројот на полициски службеници за обезбедување на протестите и на зградата на Собранието.

Критичниот ден организирале непречено влегување на народните маси во парламентот, вклучувајќи патриотски здруженија и ангажирајќи извршители на насилство.

Во седиштето на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ, двајца од обвинетите постојано го мобилизирале членството на партијата од Скопје и другите градови во одреден момент да извршат насилен упад во Собранието, знаејќи однапред дека објектот не е соодветно обезбеден и заштитен со полициски сили и дека пречките за влез во Собранието ќе бидат отстранети.

Извршителите на нападот се неправосилно осудени на вкупна казна затвор од над 200 години.