Координаторот на ковид-центарот во Тетово, Гзим Нуредини утрово информираше дека пожарот во модуларната болница траел многу кратко време. Рече дека е чудно што толку брзо изгорело сѐ. Тој објасни дека пациентите сами се спасувале, нивни роднини се обидувале да ги извлечат преку прозори. Не сакаше да шпекулира околу причините за пожарот, само нагласи дека за толку кусо време не можело да се употребат противпожарните апарати, кои како што рече ги имало во болницата.

– Пожарот траеше три минути. Медицинските екипи, вработените и лица кои што беа надвор, роднини кои што сакаат да комуницираат со нас, сите тие помагаа и замислете сѐ се случи за три минути. Цел град дојде ама сѐ веќе беше завршено. За тоа време се спасија само овие 12 пациенти. Другите не се успеа бидејќи пламенот за 3 минути го опфати целиот простор – вели Нуредини.

На новинарско прашањето зошто пациентите имале придружба и дали починал некој кој не бил пациент, Нуредини рече дека дополнително ќе се уврдува. Сепак рече дека најверојатно имало некој кој не е пациент внатре, но можеби бил вработени во Клиниката, а роднина на некој пациент.

– Секоја посета е казнива. Не може роднина да се грижи за пациент. Ние и порано имавме укажувања дека наводно имало посети. Веднаш пративме известувања до сите служби, да не се дозволува посета. Дали имало некој случај, не знам. Овде има и вработени во ковид-клиниката кои доаѓале кај нивни блиски. Некои се и роднини. Сега бараме да ни дадат кои биле роднини и дали биле вработени во ковид-центарот – вели Нуредини.