Во Кривичниот суд за денеска закажани се рочишта за предметите на Специјалното јавно обвинителство „Траекторија“ и „Титаник 3“.

Истрагата е за предметот со кодно име „Траекторија“ е отворена на 22.05.2017 година, а на ден 29.06.2017 година е поднесен обвинителен акт против 3 лица со иницијали В.П.,М.Ј.и Љ.Г. за кривичното дело „Злоупотреба на службената положба и овластување“ од член 353 став 5 в.в. со став 1 и член 22 од Кривичниот законик на Република Македонија, и обвинителен предлог против едно лице со иницијали Н.Г. за кривично дело „Примање награда за противзаконито влијание“ од член 359 став 2 од Кривичниот законик на Република Македонија.

На денешното судење ќе се читаат СМС пораки. Во „Траекторија“ обвинети се поранешниот премиер Никола Груевски, поранешниот вицепремиер Владимир Пешевски, ексминистерот за транспорт и врски Миле Јанакиески и поранешниот директор на ЈП Државни патишта Љупчо Георгиевски.

Ејуп Аљими обвинет во Титаник 3

Во Кривичниот суд рочиште ќе се одржи за предметот  „Титаник 3“ во кој се обвинети Ејуп Аљими и Исмет Гури, затоа што како членови на Општинската изборна комисија во Чаир „уништувале изборен материјал“.

Според СЈО, двајцата обвинети со своите дејствија влијаеле директно врз изборниот резултат и имале криминален нагон да ја фалсификуваат изборната волја на граѓаните на Чаир со цел да остварат политичка моќ.

Адвокатите на Аљими и Гури на претходните рочишта пред Судот кажаа дека со повеќе докази во текот на постапката ќе докажат дека нивните клиенти не се виновни, како и дека во спорниот момент на обвинението немале никаква функција со што би влијаеле да се стори кривичното дело за кое ги обвинува СЈО.