Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници, Здружението на новинари и Советот за етика во медиумите во Македонија упатуваат заеднички апел до локалната самоуправа, државни институции, стопански субјекти, поединци да помогнат на струмичката „ТВ Вис“ која утрово ја зафати пожар, со цел поскоро враќање на телевизијата во етер.

– Локалните и регионалните медиуми во Македонија имаат посебно значење, бидејќи тие обработуваат теми од локален карактер кои се од јавен интерес. Без овие локални медиуми граѓаните остануваат лишени од важни информации кои се значајни за нивното секојдневно функционирање. Во кризни ситуации како оваа во која се наоѓа државата, важноста на локалните медиуми е уште повеќе изразена. Се надеваме дека колегите од ТВ Канал Вис наскоро ќе се вратат на своите работни задачи и за почеток телевизијата ќе може да ја извршува барем својата информативна функција – велат од трите организации.

Во пожарот што се случи утрово околу 2 часот, беа запалени телевизиското студио и техниката, а гореа и останатите субјекти кои се сместени во зградата.