Новинарката Мери Јордановска-Чанчаревиќ во својот исказ пред судечкиот совет истакна дека мотивите за барање на потврда од СЈО дека била незаконски прислушувана произлегле од прес-конференцијата одржана од СДСМ, кога и била доставена папка со транскрипти од разговори, на денешното рочиште за предметот „Тврдина-таргет“.

– Во папката имаше наведени 10 до 20 разговори. Дел од нив беа прераскажани. Тогаш добив сознание дека сум била прислушувана – рече Јордановска-Чанчаревиќ, додавајќи дека се чувствува како оштетена.

Исказ даде и режисерот Игор Иванов кој рече дека е изненаден што е повикан како сведок, бидејќи од обвинителството не вратиле одговор дали е прислушуван или не.

Денес сведочеа и двајца поранешни вработени во УБК од делот за логистика, кои учествувале во уништувањето на опремата за следење на комуникаците во перидот од 2014 до 2015 година во Волково и во Горѓе Петров.

Следното рочиште е закажано за 8 октомври.

Обвинетите во „Тврдина-Таргет“, поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска и неколку вработени во поранешното УБК, се товарат за нелегално прислушување на над четири илјади телефонски броеви во периодот меѓу 2008 и 2015 година.