Владимир Талески

Секторот за внатрешни работи Битола до Основното јавно обвинителство Битола, поднесе кривична пријава против В.Т (59) поранешен градоначалник на Општина Битола, С.Б (59) раководител на финансии и претседател на комисија за јавни набавки, М.К (66) правник во Општина Битола и член на комисијата за јавни набавки и С.П (55) советник за образование во Општина Битола и член на комисијата за јавни набавки поради постоење на основи на сомнение дека првопријавениот сторил кривично дело „Злоупотреба на службена положба и овластување” предвидено и казниво по чл.353 ст.3 и 5 од КЗ, а второ, трето и четврто пријавените за кривично дело „Несовесно работење во службата” предвидено и казниво по чл.353-в од КЗ.

Првопријавениот по завршување на претходен договор со П.П.ДОО за јавна набавка на екстра лесно масло за греење, односно во период од 25.10.2012 до 19.12.2012 година ги пречекорил своите службени овластувања и без да се потпише анекс договор, дозволил да се извршат набавки на масло за греење од П. П. ДОО и Е.Б. ДООЕЛ.

Исто така на 27.12.2016 година повикувајќи се на стар договор со П.П.ДОО со важност до 01.12.2016 година, без да се потпише анекс договор, дозволил да се изврши набавка на уште 9.324 литри масло за греење од истото правно лице.

Второпријавениот како претседател, а трето и четврто пријавените како членови на комисија за јавни набавки во Општина Битола, во постапка за набавка на екстра лесно масло за греење, на 17.12.2012 година несовесно постапиле при вршење на својата должност иако биле свесни дека Е.Б. ДООЕЛ не доставил и не поседува лиценца од Регулаторна комисија на РМ за трговија со сурова нафта, нафтени деривати, био гориво и горива за транспорт, изготвиле одлука за најповолен понудувач, врз основа на која првопријавениот донел одлука за избор и потпишал договор, со што на Е.Б. ДООЕЛ му овозможил да се стекне со противправна имотна корист.

Со опишаните дејствија пријавените им овозможиле на двете фирми да се стекнат со противправна имотна корист од 44.870.702 или 729.604 евра, стои во соопштението на полицијата.

М.М.