Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика при МВР детектираше постоење на наводна кампања во која што лица преку социјалните мрежи или преку нивните приватни е-маил адреси таргетираат македонски корисници и испраќаат линкови до лажна страница во која се ветува лесна заработка со купување на „новата дигитална криптовалута“ во Кина.

Со кликнување на линкот, се влегува на лажна страница, а потоа преку сите линкови кои се појавуваат на страната ве пренасочуваат кон друга страница која е хостирана во Украина.

Откако лицата ќе се регистрираат и ги остават нивните лични податоци, во рок од неколку минути непознати лица ги контактираат преку телефон со цел да ги убедат дека треба што е можно побрзо да се инвестира во новата кинеска крипто валута бидејќи цената расте секој момент.

Направени се проверки на веб-страницата и за истата е утврдено дека како регистрант се јавува лицето Васyл Дyмарев од Русија. Текстовите и статиите на интернет-страницата се убедливо напишани, а со цел граѓаните да поверуваат на нивната веродостојност и постапката им е добро разработена, почетната сума која ја бараат за инвестиција е 250$, но во понатамошната комуникација се обидуваат да изнудат и поголеми парични средства, соопшти полицијата.

МВР апелира граѓаните и правните субјекти да не отвараат сомнителни линкови и прикачени документи во прилог на пораки што не доаѓаат од верификувани и за нив познати испраќачи, да не наседнуваат на измами од ваков тип и правните субјекти да превземат соодветни мерки за заштита на нивните компјутерски системи од потенцијален малициозен софтвер согласно нивните интерни процедури за сајбер безбедност.