Фото: Игор Бансколиев

Пожарникарите од Словенија, кои беа меѓу првите странски тимови што пристигнаа во Македонија за да помогнат во справувањето со пожарите, ја опишаа ситуацијата на теренот во разговор за порталот „БНЕ интелињуз“.

– Ситуацијата останува сериозна. Пожарите всушност се во истите места каде што беше првата експедиција. Ветерот го менува правецот и влажноста останува мала, што ги одржува условите за ширење на огнот – вели Јанез Бордон, кој ја предводи втората група на словенечки пожарникари.

Марко Адамич, кој исто така е во втората експедиција, кажа дека пожарникарите работат во смени од речиси 12 часа дневно во екстремно тешки услови. А нагласи дека до понеделникот пожаникарите се справувале со огнот и по 20 часа дневно. Тој се потсети дека Словенија имала искуство со слични пожари во 2003 и во 2006 година, но на помала површина.

– Таквите пожари се екстремно опасни бидејќи се непредвидливи, па експедицијата мора да го проучи однесувањето на огнот и да планира соодветна акција – објаснува Адамич.

Словенија вчера испрати нова група на пожарникари во Македонија, која ќе замени 50-мина од нивните колеги, кои се борат со пожарите во источниот дел од државата од минатата недела.