Основниот кривичен суд соопшти дека барањето на осудениот бизнисмен Сеад Кочан поради болест да се одложи извршувањето на затворската казна е по вторпат одбиено и тој треба да се јави на издржување на затворската казна. Кочан има право да поднесе жалба на оваа одлука до Кривичниот совет на Основниот кривичен суд.

– Судија за извршување санкции при Основниот кривичен суд – Скопје, надлежен да постапува по предметот од обвинителството означен како „Труст“, по добивање на целокупната медицинска документација неопходна за одлучување по барањето за одлагање на извршувањето на затворската казна на еден од обвинетите во конкретниот предмет, како и разгледување и ценење на истaтa, на 19.07.2019 година донесе решение со кое барањето се одбива како неосновано – се вели во соопштението.

Првото барање на Кочан за одложување на извршување на затворската казна беше на 15 јули, а тој требаше да се јави во казнено-поправната установа на 17 јули. Кочан е правосилно осуден и доби казна од четири години и осум месеци затвор за предметот на СЈО „Труст“, со кој доби незаконски тендер од 2011 година распишан од државната фирма „Електрани на Македонија“.

Кочан има поднесено барање до Врховниот суд за вонредно преиспитување на пресудата од четири години и осум месеци за случајот „Труст“, за кој првостепено беше осуден на шест години затвор. Второобвинетиот во случајот, Василие Авировиќ, добри казна од две години, а првостепено беше осуден на три години затвор.