Фото: Маја Јаневска-Илиева

Периодов се вршат координирани засилени контроли на наплатните станици за откривање лица вработени во МВР или во други институции, кои заради одбегнување на плаќањето патарина покажуваат службена легитимација или вклучуваат посебни светлосни знаци (флешери), информираат од Министерството за внатрешни работи

СЀ ПОЧЕСТА ПОЈАВАТА НА НЕПЛАЌАЊЕ ПАТАРИНА СО ПОКАЖУВАЊЕ СЛУЖБЕНА ЛЕГИТИМАЦИЈА

Македонија е земја во која граѓаните често жестоко реагираат поради злоупотребите што се случуваат од страна на службени лица. Граѓаните на социјалните мрежи честопати објавуваат фотографии од службени лица, независно дали станува збор за полициски службеници, лекари или, пак, други вработени во јавни институции што на некаков начин го злоупотребиле своето работно место, односно позицијата на која работат.
Се објавуваат и видеоснимки на кои се гледа како службени лица користат ротациски светла за да преминат на црвено светло или, пак, за да избегнат метеж, што е сѐ почесто во главниот град бидејќи како главен административен центар на земјава динамиката на сообраќај е навистина голема.
Но се чини дека оние што треба да постапуваат во согласност со законот и кои треба да бидат пример за граѓаните, ја користат својата положба за сопствените, лични интереси, што често поминува незабележано и несанкционирано од страна на повисоките инстанци на моќ.

ИНТЕНЗИВНО СЕ КОНТРОЛИРААТ ПАТАРИНИТЕ

На крајот на минатиот и на почетокот на овој месец, Министерството за внатрешни работи, односно Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди, заедно со државниот инспектор за патишта и Мобилната единица за безбедност во сообраќајот на патиштата, реализира засилена контрола за санкционирање евентуални злоупотреби при наплатата на патарина на автопатиштата и неовластена употреба на таканаречените флешери, кои се посебни светлосни знаци.
– Изречени се 32 глоби за неплаќање патарина. Шест полициски службеници ја поминале наплатната станица без да платат, со злоупотреба на флешери и службена легитимација и против нив покрај изречената глоба, ќе бидат преземени мерки и од страна на Одделот за внатрешна контрола – информираа од МВР.
Оттаму додаваат дека периодов вршат координирани засилени контроли на наплатните станици за откривање лица вработени во МВР или во други институции што заради одбегнување на плаќањето патарина покажуваат службена легитимација или вклучуваат посебни светлосни знаци (флешери).

СЕ ЗЛОУПОТРЕБУВААТ Т.Н. ФЛЕШЕРИ, ПОСЕБНИ СВЕТЛОСНИ ЗНАЦИ, И ОД ФИЗИЧКИ ЛИЦА

Купувањето посебни светлосни знаци (флешери) никогаш не било полесно. На интернет, но и на црните и диви пазари, лесно може да се дојде до ваков уред, а за негово монтирање на возило не е потребна посебна вештина. Секој може да го монтира во своето возило и тоа не е никаква наука.
Голем е бројот и на приватни лица што немаат никаква врска со полиција и други институции што користат посебни светлосни знаци (флешери), а кои за сопствена забава ги користат овие уреди за да се спасат од метежите, но и за да се забавуваат низ улиците.
– Имам сосед што си има вградено флешер во возилото и си го користи секогаш кога ќе посака. Ако има метеж на семафорот, го вклучува и другите возила веднаш му даваат предност. Дури и на црвено светло на семафорот, тој го вклучува флешерот и си поминува избегнувајќи го метежот. Низ населба често го вклучува, се покажува и докажува пред другите и се чини дека воопшто не му е грижа за тоа. Се однесува како никој ништо да не му може и како да е тој над законот – вели Александар Манчев.
Од МВР информираат дека вградувањето и употребата на уреди за давање посебни светлосни и звучни знаци е регулирана во членот 139 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата.

ШТО ВЕЛИ ЗАКОНОТ

Според членот 27 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, кој се однесува на возила со право на првенство на минување, се вели дека „За возила на службата за брза помош, на противпожарната служба, на полицијата и на Армијата на Република Северна Македонија, кога со посебни уреди даваат светлосни и звучни знаци, не се применуваат одредбите на овој закон на обврската за врзување со безбедносен појас (член 23 став (1)), за забрана за користење на мобилен телефон и други уреди (член 24 став (1)), ограничување и начинот на менување на брзината (членови 34 ставови (1) и (2), 35 ставови (1) и (2) и 36 став (1)), за забрана на престигнување и обиколување на колона возила (член 50) и за забрана за пресекување на колона пешаци (член 125 став (1)). Тие возила имаат право на првенство на минување во однос на сите други возила (член 41), освен во однос на возилата под придружба (член 138) и возилата што се движат низ крстосница на која сообраќајот е регулиран со светлосни сообраќајни знаци или со знаци на униформиран полициски службеник, под услов да не ја загрозуваат безбедноста на другите учесници во сообраќајот“.
Според ставот два, „За да овозможат минување на возилата од ставот (1) на овој член, пешаците се должни да се тргнат од коловозот, да ги пропуштат другите возила, а по потреба и да запрат додека не поминат тие возила“.
Ставот три вели дека „Кога возилото на полицијата или на Армијата на Република Северна Македонија, со употреба на сини светла му обезбедува минување на едно возило или на колона возила што се движат зад него, возачите се должни да обрнат внимание и на возилата на кои им се обезбедува минување, да ги пропуштат, а по потреба и да ги запрат своите возила додека не поминат тие возила“.

– Во однос на меѓусебното право на првенство на минување на возилата од ставот (1) на овој член соодветно се применуваат одредбите на овој закон за првенство на минување – се вели во ставот четири од законот.
Според законот, уреди за давање посебни светлосни и звучни знаци смеат да се вградуваат и употребуваат само на возилата со кои полицијата или воената полиција вршат придружба (член 138 став (1)), на возилата определени со акт на Владата на Република Северна Македонија и на возилата со право на првенство на минување од ставовите (1), (2) и (3) на овој член. Возилата од ставот (1) на овој член, можат да ги употребуваат посебните уреди кои даваат светлосни и звучни знаци од ставот (1) на овој член, само во случај на спасување на човечки животи, материјални добра, нарушување на јавниот ред и мир, како и за гонење на сторители на кривични дела и прекршоци.
– На правното лицe кое постапува спротивно на одредбата од ставот (5) на овој член, ќе му се изрече глоба во износ од 100 до 1.000 евра во денарска противвредност – за микротрговци; од 200 до 2.000 евра во денарска противвредност – за мали трговци; од 500 до 6.000 евра во денарска противвредност – за средни трговци и од 1.000 до 10.000 евра во денарска противвредност – за големи трговци. (8) За прекршокот од ставот (7) на овој член, ќе му се изрече глоба и на одговорното лице во правното лице во износ од 500 евра во денарска противвредност. (9) Прекршочен платен налог со глоба во износ од 50 евра во денарска противвредност ќе му се издаде на пешакот кој постапува спротивно на одредбата од ставот (2) на овој член. (10) Прекршочен платен налог со глоба во износ од 250 евра во денарска противвредност ќе му се издаде на возачот кој постапува спротивно на одредбите од ставовите (3) и (6) на овој член. (11) Прекршочен платен налог со глоба во износ од 250 евра во денарска противвредност ќе му се издаде на возачот кој постапува спротивно на одредбата од ставот (5) на овој член.

[email protected]