Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, утринава во обвинителството дал исказ за случајот „Попис“, во кој е осомничен заедно со поранешниот премиер Никола Груевски.

Тој дошол во просториите на поранешно СЈО два часа пред закажаниот термин во 10 часот, на сопствено барање, поради обврски, како што пренесуваат повеќе медиуми, повикувајќи се на извори во обвинителството.

Според неофицијални информации исказот траел еден час, по што лидерот на ДУИ заминал од обвинителството.

Истрагата по предметот „Попис“ ја отвори поранешното СЈО, за потоа да ја преземе ОЈО за организиран криминал и корупција.

Случајот „Попис“ се однесува на пропаднатиот попис во 2011 година. Според СЈО, со запирањето на пописот на населението тогашниот премиер Груевски, кој сега е во бегство, и неговиот тогашен коалициски партнер во владата Ахмети, нанеле штета на Буџетот во висина од 2,8 милиони евра.