На крајот на минатиот месец, Европол поддржа акција на еднонеделна инспекција насочена кон трговијата со флуорирани стакленички гасови, во светот познати како Ф-гасови. Станува збор за гасови што се користат за клима-уредите, фрижидерите, климите во возилата, во системите за ладење, во топлинските пумпи, средства за дување пена, средства за гаснење пожар, аеросолни погони и растворувачи…

АКЦИЈА НА ЕВРОПОЛ ЗА СПРЕЧУВАЊЕ НЕЛЕГАЛНА ТРГОВИЈА СО ФЛУОРИРАНИ СТАКЛЕНИЧКИ ГАСОВИ

За да ги наполнат своите клима-уреди со фреон, граѓаните понекогаш посегнуваат по разни услуги од црниот пазар. Таму, меѓу другото, се нудат и вакви услуги, односно производи, во случајов компримирани садови со гасови, и самите гасови, кои воопшто не се проверени, а за тоа, се разбира, воопшто не се издаваат никакви документи. Слично е и со поправката на фрижидерите, климите во автомобилите…
Дека сме експерти во „фаќање кривини“ кога станува збор за законот, доволно покажуваат и честите експлозии на плински боци, кои најчесто завршуваат со човечки жртви поради нелегалните боци и нивното нелегално полнење.

ПАЗАР НА НЕДОЗВОЛЕНИ ГАСОВИ ВО ЕВРОПА

На крајот на минатиот месец, Европол поддржа акција на еднонеделна инспекција насочена кон трговијата со флуорирани стакленички гасови, во светот познати како Ф-гасови. Станува збор за гасови што се користат за клима-уредите, фрижидерите, климите во возилата, во системите за ладење, во топлинските пумпи, средства за дување пена, средства за гаснење пожар, аеросолни погони и растворувачи.
Предводник на акцијата беше Холандија, а дел од неа меѓу шеснаесетте земји беше и Македонија.
Инспекциите најчесто беа фокусирани на лоцирање можен нелегален увоз на Ф-гасови во Европската Унија, откривање недозволени Ф-гасови пласирани на пазарот на ЕУ и нивните увозници. Систематската размена на оперативни информации и разузнавачки информации меѓу органите за спроведување на законот, царинските и надзорните органи на пазарот овозможи идентификација на жариштата и целите.
Неделата на заедничката инспекција доведе до спроведени дури 1.682 инспекции, во кои беа откриени 706 административни прекршоци и 28 кривични прекршоци. Уапсени беа седум лица, а запленети беа 2.105 цилиндри, еквивалентни на 142.288 тони јаглерод диоксид, со проценета вредност од повеќе од десет милиони евра.

НЕ СЕ ПОЧИТУВААТ МЕРКИТЕ ЗА ЗАШТИТА НА ЖИВОТНАТА СРЕДИНА

Како што информираат од Европол, и покрај штетното влијание на Ф-гасовите врз животната средина, овие синтетички средства за ладење се користат без да се почитуваат конкретни мерки насочени кон намалување на нивното влијание врз атмосферата.
Нивниот увоз и употреба се строго регулирани на ниво на ЕУ и меѓународните договори имаат цел постепено да ги намалат нивното производство и потрошувачка. Регулативата на ЕУ за овие гасови, кај нас повеќе познати како фреони, од 2014 година вклучува чекори за постепено укинување на потрошувачката и производството за 79 проценти до 2030 година, за производителите да се насочат кон технологија попријатна за климата и употребата на природни алтернативи.
Со воведувањето на правилата и заострувањето на мерките и условите за користење на овие гасови, криминалните организации ја започнаа својата кариера и на ова поле, зголемувајќи ја нелегалната трговија со Ф-гасови, што, од друга страна, беше мотив за спроведувачите на законот да ги интензивираат своите напори и да целат на оваа незаконска трговија, која во последно време зема сѐ поголем замав.

МАКЕДОНИЈА НЕМА ЕВИДЕНТИРАНИ СЛУЧАИ

Ф-гасовите, од кои некои се и кај нас добропознатите фреони, се користат најчесто за разладување во фрижидерите, во домаќинствата преку клима-уредите и системите за ладење, во индустриското ладење, како и во клима-уредите во автомобилите.
Нивното влијание врз животната средина, поточно врз поттикнувањето на глобалното затоплување, беше доволна причина Европската Унија да донесе низа регулативи со кои строго ќе се контролира употребата на гасовите, но и ќе се намалува нивната употреба.
Во Македонија има легални компании што работат на полнење фреон во клима-уредите во домаќинствата, но и во автомобилите. За жал, сѐ почесто имаме „диви“ понуди од разни интернет-огласи на страниците за огласи, кои полнат клима-уреди без да понудат соодветен сертификат за тоа.
За жал, нема евидентирано ниту еден случај за оваа проблематика.
Најголем број регистрирани случаи се однесуваат на плински боци, кои граѓаните најчесто ги користат неатестирани и ги купуваат од несоодветни продавачи.
Голем е бројот на несреќи како последица на штедењето на граѓаните, кои, за жал, не причинуваат само материјална штета, туку таа е ненадоместлива доколку се земе предвид бројот на човечки жртви.

[email protected]