Фото: Зоран Антоски

По Демирхисарско, и во Ресенско во текот на оваа седмица е пронајдена  неексплодирана артилериска граната калибар 75 мм, која датира од Првата светска војна. Гранатата е пронајдена во Отешево во средата навечер, а подигната е вчера претпладне од страна на пиротехничар од ПО на ДЗС Кичево. Гранатата е складирана на безбедно сѐ до нејзиното уништување.

– По дојавата доставена во средата навечер од страна на Раководителот на подрачното одделение на ДЗС од Ресен, за пронајдена артилериска граната во Отешево, наша екипа и пиротехничар излегоа на самото место, каде е констатирано дека се работи за неексплодирана артилериска граната од 75 мм од Првата светска војна.

Неексплодираното убојно средство е подигнато од самото место и складирано на безбедно. Истото ќе биде уништено во првата наредна акција на ДЗС за уништување на неексплодирани убојни средства што периодично се врши на воениот полигон Криволак – рече Драге Попоски, пиротехничар  од ПО на ДЗС Кичево, кој е регионален центар за собирање и складирање неексплодирани убојни средства.