Четириесет и шестгодишниот тренер по џудо од Прилеп, кој се сомничи за полови злоупотреби на малолетнички кои му биле ученички, бил на дисциплинска постапка од Македонската џудо федерација за злоупотреба на официјални документи.

– Во врска со последните случувања поврзани со обвинувањата за злоставување малолетнички од тренер по џудо, згрозени сме од информациите во јавноста и очекуваме брзо разрешување на случајот. Веруваме дека истрагата целосно ќе го расветли случајот за што како Федерација сме целосно на располагање на истражните органи.

Посочениот тренер одамна не е член на федерацијата и уште минатата година беше дел од дисциплинска постапка поради злоупотреба на официјален документ испратен од Светската Џудо Федерација, како и поради прекршување и непочитување на Статутот и други мерки и протоколи. Поради оваа дисциплинска постапка, одземена му е лиценцата за тренер по џудо и исфрлен е од Џудо федерацијата на Македонија, за што официјално беа известени сите надлежни институции вклучувајќи ја и Агенцијата за млади и спорт – информираат од Федерацијата.