Со прегледување видео материјали од камери на МВР денеска во Кривичниот суд во Скопје продолжува случајот „Тортура” на СЈО за начинот на лишување од слобода на лидерот на Обединети за Македонија и поранешени министер за вантрешни работи Љубе Бошкоски во 2011 година.

На првата снимка се гледа просторија во МВР каде се внесуваат прибавените докази од апсењето на Бошкоски, а потоа две лица вршат внесување во компјутер на сериските броеви од банкноти во апоени од 100 евра.

Обвинителството, со оглед дека станува збор за пребројување на пари и ништо повеќе од тоа што досега е видено, предложи со цел економичност на постапката да не се изведуваат овие снимки. Одбраната рече дека е против и дека обвинителството требало да мисли кога предложувало докази дали тие се однесуваат на делото или не.

Во судницата се присутни првообвинетиот поранешен директор на УБК Сашо Мијалков и екс првиот човек на единицата Алфи, Ивица Антевски Пуки, како и петмината припадници на единицата.

Судијка е Александра Ристевска, а застапник на обвинението од СЈО е Љубомир Лапе.

Специјалното јавно обвинителство ги гони Мијалков, Антевски и петтмината припадници на „Алфите“ за мачење и друго сурово, нечовечко или понижувачко постапување и казнување, за начинот на лишување од слобода на лидерот Бошкоски, на 6 јуни 2011 година, ден по предвремените парламентарни избори.