Само во Скопје, во понеделникот, полицијата изрекла 149 казни, од кои 43 за пребрзо возење / Фото: Маја Јаневска-Илиева

Мобилната единица за безбедност во сообраќајот на патиштата во акциска контрола изрече 395 санкции за брзо возење на територијата на целата држава. Од нив, 26 се движеле со брзина над 50 километри на час повеќе од дозволеното, а пет возила се движеле со брзина над 70 километри на час повеќе од дозволеното. Во последната полициска акциска контрола во областа на сообраќајот, само на територијата на Скопје, во понеделникот, на 19 април, се изречени 149 мерки за направени сообраќајни прекршоци, меѓу кои за возење над дозволената брзина 43, а шест санкции за возење без возачка дозвола и три за нерегистрирани возила.
Брзо возење и неприспособена брзина, некористење сигурносен појас и зборување на мобилен телефон се едни од најчестите прекршоци што ги прават возачите при извршените полициски контроли по градовите во земјава. Како што веќе пишуваше „Нова Македонија, неприспособената брзина, односно пребрзото возење е причина број еден за сообраќајните несреќи што се случуваат по патиштата во земјава, како и на градските сообраќајници, а тоа ни го потврдија сообраќајни експерти и статистиките од Министерството за внатрешни работи.

Но брзото возење по градските сообраќајници не е карактеристично само за возачите на автомобилите, бидејќи со неприспособена брзина се движат и моторџии. Нивната силна бучава особено се слуша на булеварите. Во Скопје силните децибели на моторите одекнуваат на новиот булевар Босна и Херцеговина, потоа на булеварот Словенија и други.
Во понеделникот во сообраќајна акциска контрола, полициските службеници изрекле седум санкции за користење мобилен телефон, четири за некористење сигурносен појас, девет прекршоци што ги направиле возачи на мотоцикли, две санкции за минување на затворен сигнал (црвено светло) и 58 мерки за непрописно паркирани возила.
Евидентно е дека, и покрај казнувањето, зборувањето на телефон е прекршок, што исто така многу често го прават возачите, а тоа, секако, им го одвлекува вниманието и, како што честопати кажуваат сообраќајните експерти, може да биде една од причините за предизвикување незгоди.
Од МВР најавуваат дека засилените сообраќајни контроли продолжуваат и во наредните денови и апелираат до граѓаните да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи за да се зголеми безбедноста во сообраќајот и заедно да придонесат за посигурни патишта.