Со презентација на писмени докази во Кривичниот суд продолжи рочиштето за предметот „Триста” на СЈО, во кој е обвинет поранешниот помошник министер за внатрешни работи Ѓоко Поповски за злоупотреба на службена должност при набавката на 300 возила за потребите на МВР.

Обвинителот од СЈО, Стевчо Донев презентираше службени документи од МВР, меѓу кои решенија, извештаи, известувања за понуди за набавка на возила, одлука за избор на најповолна понуда.

Судијката Добрила Кацарска во мај минатата година го осуди Поповски на девет години затворска казна за злоупотреба на службената должност, а во декември минатата година Апелација ја укина првостепената пресуда за случајот и го врати на повторно судење.

Според обвинението на СЈО, Поповски не ги почитувал законските прописи за јавна набавка и го оштетил буџетот 453.570 евра.