Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, кажа дека последната проверка за техничката исправност на автобусот била на 5 октомври 2021 година односно пред месец дена.

За сите отворени прашања, Спасовски посочи дека истрагата ќе ги даде одговорите.

Тој изрази благодарност до Бугарија и посочи дека посакува брзо закрепнување на повредените.

„Сакам да порачам како човек и член на Владата дека остануваме заедно со семејствата, а институциите се тука за помош и поддршка. Организацијата и трошоците на жртвите во несреќата во државава, ќе бидат на трошок на државата. Тим на МВР од сообраќајната полиција, Одделот за криминалистичко-технички вештачења тргна за Бугарија за да биде помош на бугарските колеги. Во Бугарија пристигнаа и претставници на стручни служби која ја понудија експертската помош. Очекувам брза и сеопфатна реакција на надлежните служби и верувам дека со заедничка соработка, брзо ќе имаме одговор на сите нејаснотии за оваа трагедија. Согласно тој одговор ќе имаме ефикасност во утврдување на одговорноста“, кажа Спасовски.