На експремиерот Никола Груевски и понатаму ќе му се се суди за случајот „Траекторија“, одлучи скопска Апелација, иако судијата од Основниот кривичен суд Скопје, Горан Бошевски, пред еден месец констатираше дека делото за поранешниот премиер во овој предмет е застарено.

Од Апелација велат дека одлуката е укината од формални причини. Судијата не можел да донесе вакво решение, туку тоа требало да се стори со пресуда со која ќе се одбие обвинението, доколку има апсолутна застареност.

Во предметот на СЈО обвинети се и ексвицепремиерот Владимир Пешевски, поранешниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески, и ексдиректорот на ЈП „Државни патишта“, Љупчо Георгиевски, за злоупотреба на службената положба и овластување.

Според обвинението, тие во втората половина на 2012 година и во текот на 2013 година презеле повеќе дејствија со кои во постапката за избор на компанија за изградба на автопатите Миладиновци – Штип и Кичево – Охрид ги искористиле и пречекориле своите овластувања. Со тоа, според СЈО, му нанеле штета на државниот буџет од најмалку 155 милиони евра и за истиот износ на компанијата изведувач ѝ овозможиле да се стекне со имотна корист.