Фото: Игор Бансколиев

Судечкиот совет со кој претседава судијата Горан Бошевски на денешното рочиште за „Траекторија“ на барање на СЈО донесе одлука на обвинетиот Никола Груевски, кој е во бегство во Унгарија да му се суди во отсуство и да биде издаден налог за притвор.

Судијата Бошевски констатира дека обвинетиот Никола Груевски не е достапен на органите на прогон, дека се наоѓа на територијата на Унгарија и оти против него е распишана меѓународна потерница.

Обвинителката од СЈО, Лиле Стефановска побара со оглед дека обвинетиот Груевски е во бегство, да му се суди во отсуство и денешната главна расправа да продолжи со изведување докази.

– Предлагам на обвинетиот Никола Груевски судот да му одреди притвор и соодветно да се издаде потерница за негово пронаоѓање, изјави Стефановска.
Бранителот Еленко Миланов наведе дека поради економичност на постапката подобро е таа да биде раздвоена за обвинетиот Никола Груевски.

Обвинителката Стефановска, на таквиот предлог се спротивстави и посочи оти судот не треба со раздвојување на постапката да дозволи делото да застари.
Денешното рочиште за предметот „Траекторија“ почна со изведување материјални докази.

Во „Траекторија“ обвинети се и ексминистерот за транспорт и врски Миле Јанакиески, кој е во притвор во затворот „Скопје“, поранешниот вицепремиер Владимир Пешевски и поранешниот директор на ЈП Државни патишта Љупчо Георгиевски.

Според обвинението на СЈО, тие во втората половина на 2012 година и во текот на 2013 година презеле повеќе дејствија со кои во постапката за избор на компанија за изградба на автопатите Миладиновци – Штип и Кичево – Охрид ги искористиле и пречекориле своите овластувања. Со тоа, според СЈО, му нанеле штета на државниот буџет од најмалку 155 милиони евра и за истиот износ на компанијата изведувач ѝ овозможиле да се стекне со имотна корист.