Неодамна проструи вест за кражба на триесетина сребрени бисти од Градските гробишта во Бутел, а тоа ги вознемири граѓаните. Никој не сака туѓинци да превртуваат и да го сквернават гробот на починатиот близок, а уште помалку да го однесат она што со многу емоции е оставено на гробното место. За жал, многупати блиските од семејството на починатиот си наоѓаат испревртени предмети по гробовите, а често констатираат и дека им недостига нешто. На гробиштата се краде сѐ и сешто, а крадците влегуваат и ноќе и дење. Ова ни го потврдија и од АД „Бутел“ и признаа дека, и покрај тоа што имаат обезбедување од триесетина вработени во три смени и висока ограда на гробиштата, на крадците не им е никаков проблем ако веќе наумиле да влезат и да украдат нешто. Од АД „Бутел“ велат дека, и покрај тоа што имаат и моторизирано обезбедување, се краде низ гробиштата и додаваат дека не е едноставно да се заштити површина од 90 хектари, колку што изнесува просторот на Градските гробишта во Бутел. Оттаму не кажаа дали работат на стратегија и дали имаат план за подобро да ги заштитат гробиштата од кражби, бидејќи граѓаните даваат огромни суми за гробните места и за изработка на надгробните плочи и споменици, а никој не им гарантира сигурност за она што го платиле.

Надлежните оттаму велат дека сторителите на кражбите на бронзените бисти биле помалку, а не триесетина, и биле фатени од полицијата во Бутел, која им влегла во трага на патот на претопувањето и продажба на бронзата. И не само во Бутел, додаваат дека се краде на сите градски гробишта, во Ѓорче Петров, Камник, Драчево. Кога ќе забележат кражба на гробиштата, ги известуваат старателите на гробот, бидејќи велат дека немаат активна легитимација да ги тужат сторителите на кражбите.

Потоа старателите сами ги пријавуваат во полицијата, која постапува понатаму. Од АД „Бутел“ признаваат дека и граѓаните им се јавуваат и пријавуваат дека нешто им е украдено од гробовите, Но ситните кражби најчесто не се пријавуваат во полиција и затоа остануваат нерешени, додека оние потешките се пријавуваат и по нив таа постапува. Од МВР велат дека годинава имале случаи за сквернавење гробови на Градските гробишта во Скопје и веќе постапувале по пријавите на граѓаните.

– Од почетоков на годинава досега се евидентирани осум кривични дела „тешка кражба“ на надгробни споменици, вклучувајќи и бронза – велат од Одделот за односи со јавност на Министерството за внатрешни работи, односно од СВР-Скопје.
Решавањето на случаите е само некаква сатисфакција за оние на кои им била нанесена штета, но никако не е надомест за нанесената душевна болка за осквернавениот гроб на блискиот.

– За одржување на гробот годишно плаќаме по 320 денари, а што добиваме за возврат, ако не се безбедни гробот и предметите што ги оставаме на него. Воопшто не се чувствувам добро кога со многу емоции ќе одам на гробот на мојата мајка и се шокирам кога ќе забележам дека ја нема вазната со цвеќето што сум го оставила кога сум била последниот пат или, пак, некој го искршил бардачето за вода што сум го оставила за Задушница. Во една пригода, затоа што во соседниот гроб се вршело погребение, гробарите сите предмети од гробот на мајка ми ги нафрлале еден врз друг, зад споменичната плоча, и притоа ми ја оштетиле вазната, а гробот го оставиле извалкан со земја. Не би можела да замислам какво сквернавење би било да ја украде некој мермерната надгробна плоча, па тоа е недозволиво. Некој мора да преземе одговорност – вели скопјанката Жане Трајчевска.

Од АД „Бутел“ појаснуваат дека годишната такса што граѓаните ја плаќаат од 320 денари за одржување на гробот е давачка со која го плаќаат само подигањето на ѓубрето, косењето на тревата и чистењето на улиците. Не кријат дека цел на крадците е сето она од кое може да извлечат материјална корист. Најчесто велат дека се краде саксиското цвеќе и се препродава, како и вазни и свеќници, а кажуваат дека се случило во еден ден да им бидат украдени и десетина чешми, од кои граѓаните се снабдуваат со вода кога одат на гробовите на своите блиски. Најголема кражба што ја паметат е на гробиштата во Ѓорче Петров, кога пред две-три години во една ноќ биле украдени девет надгробни плочи, а крадците биле фатени.

– Нашето обезбедување патролира низ гробиштата во Бутел со електрични скутери. Од неодамна изградивме висока бетонска ограда и гробиштата се затворени од сите страни и со жица, а во некои делови има висока лимена ограда, но крадците повторно се снаоѓаат и влегуваат. Се случува и посетителите на гробиштата да си крадат едни од други, ако на пример на едниот некој му го украл свеќникот, тој ќе зема од некој друг гроб. Но многу пострашно е кога ќе се украдат надгробни плочи, па крадците ги носат на плац кај некој од каменоресците за да ги исполираат и продадат како нови, а полицијата обично таму ги фаќа. Имавме еден случај кога осуден за кражби бил пуштен на викенд, а потоа се впуштил во кражба на бакарни букви, ангелчиња и рамки од гробови во Бутел. Полицијата го фати, а ние бевме повикани пред јавен обвинител да дадеме изјава. Најмногу се краде во делот од гробиштата на патот кај коцката, но имавме и случај на кражба зад управната зграда – велат од Градските гробишта во Бутел.

Оттаму додаваат дека се краде и на гробиштата во Камник, како и на другите, а најчесто тоа се свеќници, вазни, украсни дрвца посадени покрај гробовите, слики, рамки и други предмети од гробовите што можат да се материјализираат. Но никој не може да ги запре крадците, ниту обезбедување во три смени, ниту високата бетонска и жичена ограда.