Борче Ристевски се соочува со можноста за продолжување на неговата затворска казна поради најавената жалба на пресудата од страна на обвинителство, чие поднесување до судот е предвидено за утре, пренесува австралиски „Хералд Сан“.

Македонецот од Мелбурн беше осуден на деветгодишна затворска казна за убиството без умисла на неговата сопруга Карен во 2016 година. Земајќи го предвид времето поминато во затвор во пресрет на пресудата, тој би можел да излезе на слобода за помалку од пет години.

Обвинителството одлучи да се жали на, како што посочува „јасно несоодветната казна“, поради незадоволството во австралиската јавност од пресудата.

Правните експерти посочуваат дека Ристевски би можел да добие подолга казна во однос на првобитната од девет години, во зависност од одлуката за жалбата што ќе ја поднесе директорката на канцеларијата за гонење на криминал во австралиската сојузна држава Викторија, Кери Џад.

Ристевски беше обвинет за убиство на тогаш 47-годишната сопруга Карен, која последен пат била видена на 29 јуни 2016 година, на оддалеченост од околу 50 километри од националниот парк кај Маунт Маседон во северен Мелбурн, каде што нејзините останки биле пронајдени осум месеци подоцна, во февруари 2017 година. 

Максималната казна за убиство без умисла изнесува 20 години, а признавајќи го злосторството, Ристевски избегна доживотна затворска казна. Незадоволство од пресудата изразија организациите за спречување на семејното насилство, како и членовите на семејството на Карен, кои сметаат дека правдата не е задоволена. М.Ж.

Карен (лево) заедно со Борче и со нивната ќерка Сара