Случаен минувач синоќа во 23.50 часот пријавил дека на бензинска пумпа на улица „Индира Ганди“ во Скопје имало големо истекување на плин.

Од МВР информираат дека од извршениот разговор со вработените на бензинската пумпа, констатирано е дека додека полнеле кујнска плинска боца виделе дека пукнал сигурносниот вентил кај резервоарот за плин и од него почнало да истекува плин.

Вработените Г.А.(27) и Ф.Н.(28) кои се обиделе да го затворат вентилот од резервоарот вдишале гас и со возило на Итна медицинска помош се пренесени во Комплекс клиники „Мајка Тереза” за укажување лекарска помош. Од страна на Противпожарна единица и одговорно лице од Институт за одржување на бензински пумпи затворен е главниот сигурносен вентил.

Сообраќајот на улица „Индира Ганди“ бил блокиран во двата правци од 00:10 до 04:30 часот.