Во психологијата постои поим наречен високофункционална депресија или попозната како дистимија. Лицето што се бори со дистимија ги има истите симптоми на депресија, но во поблага форма. Тоа функционира претежно нормално. За надворешниот свет, човек со дистимија изгледа нормално и добро, но тоа лице внатрешно постојано се бори

Според психолозите, луѓето што посегнуваат по сопствениот живот најчесто го прават тоа затоа што страдаат од депресија или од други психолошки растројства на личноста. Депресијата и шизофренијата се најчестите причинители поради кои луѓето посегнуваат по сопствениот живот. Психологот Јасмина Јонуз вели дека депресивните мисли и суицидните нагони се честа појава кај луѓето што одлучуваат да извршат самоубиство. Депресијата претставува сериозно душевно растројство, кое бара долготраен третман, па затоа психолозите препорачува пациентите наместо кај пријатели, да побараат стручна помош кај соодветни институции.

„Нова Македонија“ и во други текстови го истражуваше овој општествен проблем. Според податоците од Министерство за внатрешни работи, во текот на изминативе три години на територијата на Македонија во просек имало околу 112 самоубиства и 144 обиди за самоубиства. Статистиката низ годините покажува намалување на бројот на самоубиства.

Депресијата и суицидните мисли се едни од симптомите на клиничка депресија. Затоа психолозите велат дека е потребно да се земе предвид времетраењето на симптомите на депресивност и суицидност и зачестеното појавување на овие мисли и обиди за одземање на животот. Освен психолошка поддршка од блиските, при вакви симптоми е неопходна и помош од психијатар и медикаментозна терапија, вели психологот Јасмина Јонуз.

– Суцидните мисли кај личноста може да се појават и независно од социокултуролошката заднина, економската самоиздржливост и степенот на образование на лицата што се соочуваат со нив. Тие не треба да бидат стигматизирани, туку напротив да им се понуди помош и да им се овозможи да се вратат назад во вообичаеното секојдневно функционирање – вели Јасмина Јонуз.

Актерката и режисерка Милиана Ленак (Додевска) неодамна почина, одземајќи си го животот скокајќи од зграда. Ленак имаше 41 година и беше основачка на скопскиот Буден театар, кој создава претстави за деца, а наедно беше и на чело на меѓународниот детски театарски фестивал „Фенер“. Друг случај на самоубиство во април годинава се случи во општината Центар. Во стан беше пронајдена мртва актерката и поранешна градоначалничка на општината Кисела Водa Билјана Беличанец. Беше на возраст од 45 години и имаше богато актерско искуство. Таа си го одзеде животот со бесење. Овие случаи на самоубиства, кои ги извршија јавни личности, укажуваат на тоа дека депресијата како појава претставува комплексен проблем и зазема различни форми.

Во психологијата постои поим наречен високофункционална депресија или попозната како дистимија. Лицето што се бори со дистимија ги има истите симптоми на депресија, но во поблага форма. Тоа може да функционира претежно нормално, да оди на работа или на училиште, да работи, да ги извршува своите одговорности дома и да се занимава со повеќето социјални активности во својот живот. Затоа овој вид депресија може потешко да се открие кај себе, но особено кај другите. За надворешниот свет, човек со дистимија изгледа нормално и добро, но тоа лице внатрешно постојано се бори, вели Јонуз.

Дистимијата може да се утврди доколку е присутна подолг временски период, две години или повеќе. Доколку не се лекува може да премине во големо депресивно нарушување или полошо. Затоа во јавноста често овој поим се идентификува со таканаречената насмеана депресија. За луѓето што страдале од овој вид депресија и се самоубиле, нивните блиски често велат дека воопшто и не се сомневале дека имале некаков проблем. Лицата изгледаат енергично и ентузијастичко, но зад затворени врати се чувствуваат безвредно и очајно. Вакви се и случаите на неколкуте познати личности што извршија самоубиство изминативе неколку години, без некој претходно да забележи дека страдаат.