Двајца работници од скопското село Цветово биле физички нападнати од две непознати лица во близина на автобуската станица кај ХЕЦ „матка“, додека изведувале градежни работи.

Како што соопшти МВР, вчера во 14.30 часот во с.Долна Матка, скопско, во близина на автобуска постојка кај ХЕЦ „Матка“ каде што се вршеле градежни работи, работниците И.М. (24) и Ш.Н. (33), двајцата од с.Цветово, скопско, биле физички нападнати од две непознати лица кои биле со патничко возило „Голф 5“ со скопски регистарски ознаки.

И.М. и Ш.Н. им кажале на лицата во возилото да почекаат малку да завршат со работа па да поминат со возилото, но тие излегле од возилото и физички ги нападнале.

Повредените работници биле префрлени во градската општа болница „Св. Наум Охридски“. Кај И.М. биле констатирани телесни повреди и бил пуштен на домашно лекување, а Ш.Н. бил задржан на понатамошно лекување.

Се преземаат мерки за пронаоѓање на сторителите и за целосно расчистување на случајот.