Со полесен вид санкции и мерки се избегнуваат негативните ефекти од затворањето на луѓето, нивното стигматизирање, одвојувањето од семејството, прекинувањето на школувањето, губењето на работата, влијанието на другите затвореници и притвореници во установата. Европските настојувања да се подобрат условите во затворите во Србија даваат резултати

Општокорисна работа како санкција за извршено кривично дело наместо парична или затворска казна во Србија издржуваат 159 лица, додека во домашен затвор се 1.595 осуденици. Во домашен притвор, пак, се 330 осомничени, а условна казна со надзор имаат 22 лица, пишува „Политика“.
Тоа е моменталната состојба со реализацијата на санкциите во соседна Србија. Од Управата за вршење кривични санкции велат дека вкупно 2.106 лица што не се дел од затворите всушност се 16,9 проценти од целокупната популација што треба да извршува одредена санкција.
– Сите алтернативни санкции носат голема заштеда на буџетски средства, но се намалуваат и затворските државни трошоци – велат од управата и потсетуваат дека Законот за извршување казни надвор од установите е усвоен во 2014 година.
Оттогаш системот постојано се унапредува и се зајакнуваат капацитетите на службите надлежни за спроведување на алтернативните санкции.

– Значајна поддршка на оваа служба ѝ даваат меѓународните организации, пред сѐ Европската Унија, која помогна во набавка на опрема за електронски надзор и донира возила и компјутерска опрема – информираат оттаму.
Од управата додаваат дека практиката од другите земји покажала дека алтернативните санкции во значајна мера придонесуваат за намалување на стапката на поврат на сторителите на делото. Предноста е во тоа што реализацијата на ваквите санкции е насочена кон самата личност, нејзиното семејно окружување, но и на пошироката општествена заедница.
Со ваквиот тип санкции и мерки се избегнуваат негативните ефекти од затворањето на луѓето, нивното стигматизирање, одвојувањето од семејството, прекинувањето на школувањето, губењето на работата, влијанието на другите затвореници и притвореници во установата. Со работата од јавен интерес се реализира непосредна корист за општеството, а осудените во домашен затвор може да продолжат со образованието и работниот однос. Алтернативните санкции создаваат и услови за ублажување на штетата причинета на жртвата.

Последниот извештај на Советот на Европа, сепак, говори за тоа дека Србија има најниска стапка на затвореници надвор од затворските институции. Просечната стапка во Европа изнесува 155 затвореници на сто илјади жители, додека во Србија тој број е само 26. Највисока стапка под надзор пријавиле Полска – 646, Турција – 591, Грузија – 540 и Литванија – 523. Србија е на дното на листата, веднаш зад Финска – 53, Швајцарија – 50 и Норвешка – 46.
Другиот извештај на Советот на Европа покажува дека Србија е меѓу дваесетте држави што ослободиле затвореници во рамките на мерките за спречување на ширењето на коронавирусот. Во Србија се пуштени 626 затвореници. Најголем процент затвореници, дури 35 отсто, односно 102.944 лица се ослободени во Турција.
– Министерството за правда и Управата за вршење кривични санкции вложуваат интензивни напори во последните неколку години за да се подобрат условите за сместување на лицата лишени од слобода и се посветени на почитувањето на нивните права и целосна примена на меѓународните конвенции – велат оттаму.

Завршена е изградбата на објект за сместување на 200 лица во Окружниот затвор во Лесковац. Минатата година беше изграден објект во женскиот затвор во Пожаревац, за сместување на 160 осуденици. До крајот на годината ќе биде изграден уште еден оддел во Сремска Митровица, за сместување на 320 лица.
Советот на Европа наведува дека, и покрај значителните обиди за олабавување на затворите, сепак во нив владее пренатрупаност. Изненадувачки е што голем проблем со сместувањето на затворениците имаат Белгија и Австрија.


Моментален број на алтернативни санкции во Србија

Општокорисна работа 59
Условна казна со заштитен надзор 22
Домашен притвор со електронски надзор 238
Домашен притвор без електронски надзор 92
Домашен затвор со електронски надзор 586
Домашен затвор без електронски надзор 1.009
Вкупно 2.106

[email protected]