Вкупно 23 кривични дела лани извршиле малолетни лица од Кочани, што е за околу 34 отсто помалку во однос на претходната година.

Најголем број од престапите, вкупно 15, се однесуваат на тешки кражби со вредност поголема од половина просечна плата, како и кражби во кои е користена сила врз објектите или предметите. Откриени се и четири кражби на моторни возила, а имало и полов напад врз дете, разбојништво, напад врз службено лице и пустошење шуми.

– И покрај намалувањето на вкупниот број кривични дела што ги извршиле малолетници, за една третина се зголемил бројот на деца на возраст до 14 години. Освен тоа, нема промени во бројот на сторители кои по втор, трет или повеќе пати извршиле кривично дело, односно вкупно десет малолетни лица претходно се евидентирани како престапници, се вели во писмениот полициски извештај.

За разлика од намалувањето на кривичните дела, минатата година на територијата на општина Кочани е регистриран значителен пораст на бројот на малолетници кои го нарушувале јавниот ред и мир и безбедноста во сообраќајот. Вкупно 27 од нив учествувале во тепачки, физички напади, малтретирање и присила, а 34 ги прекршиле сообраќајните правила и прописи, за што биле покренати 51 постапка.

За спречување на присуството на малолетници во угостителски објекти после полноќ биле спроведени 17 акциски контроли, при што се откриени 12 прекршоци.

Заради поефикасно превентивно дејствување и спречување на девијантно однесување на децата, полицијата до Центарот за социјални работи испратила соодветни известувања за преземање законски мерки против 14 малолетни престапници.