Бања Баши џамија во Софија/Фото: Википедија

Во сите џамии во Бугарија утре ќе има молитва и помен за трагично загинатите во домот за стари лица во варнеското село Ројак и во опожарениот македонски автобус на автопатот „Струма“, пренесоа повеќе бугарски медиуми.

Главниот муфтија Мустафа Хаџи истакна дека утре ќе бие организиран мевлид (помен) и молитва во сите џамии во Бугарија, за трагично загинатите во домот за стари лица во селото Ројак во Варна и за оние кои ги загубија животите во запалениот македонски автобус.

Главниот муфтија на исламската верска заедница во Бугарија, д-р Мустафа Хаџи, порача дека во вакви моменти потребна е обединетост.

-Ги прашувам сите. Ајде сите да се обидеме да бидеме подобри. Ајде да се обидеме да бидеме поблиску еден до друг. Да си помогнеме, особено сега. Од една страна, имаме здравствена криза поврзана со пандемијата. Од друга страна, гледаме дека се наѕира економска криза. Но, најголемата криза што човештвото ја доживува е духовната криза, кризата на хуманоста, добрите односи, љубовта и разбирањето – рече Мустафа Хаџи, а пренесе бугарското ради „БНР“.