Фото: Игор Бансколиев

Македонските сообраќајници долго време се небезбедни за сите учесници во сообраќајот. Ниската сообраќајна култура, големиот број несовесни возачи и инфраструктурни услови во кои постои можност сериозно да се загрозат животите на граѓаните се секојдневни и константни проблеми во цела Македонија. Доказ за тоа се и големиот број жртви и повредени во сообраќајни несреќи. Акциите за издигнување на свеста кај граѓаните најчесто имаат влијание и се позитивни, но на долг рок не го менуваат трендот голем број граѓани да управуваат со возилата и под дејство на алкохол или дрога.

Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП) регистрира сериозни бројки на загубени животи во сообраќајни несреќи на патиштата во Република Македонија, па, така, бројките велат дека во 2015 година се загубени 148 животи, во 2016 – 165, а во 2017 година 155 животи.
Од СВР-Скопје информираат дека само во главниот град од јануари до март имало 5 сообраќајки и пет жртви. Само во април годинава регистрирани биле шест сообраќајни несреќи со загуба на шест животи, во мај се случиле три несреќи, а животот го загубиле петмина.
Овие статистики се поразителни за сите оние што се одговорни за безбедноста во сообраќајот, за надлежните и полицијата, но и за граѓаните, кои многу често се одлучуваат несовесно да се однесуваат на патиштата.

Најновата кампања на РСБСП се осврнува на младите и на возењето во раните утрински часови, односно потенцијалните ризици со кои може да се соочат тие при управување со возилото. Републичкиот совет констатирал дека во летниот период, кога младите се ослободени од училишните и факултетските обврски и се одржуваат голем број концертни настани и забави до раните утрински часови, зголемен број од младите учесници во сообраќајот се одлучуваат уморни или при дејство на алкохол или дрога да седнат зад воланот на автомобилот и на мотоциклот.
Со слоганот: „Младост е да уживаш во летните авантури, лудост е тие да прекинат зад воланот!“, РСБСП апелира да се внимава и кога се ракува со моторно возило и констатира дека младите и релативно новите учесници во сообраќајот ретко ја забележуваат многу опасната ситуација што често се случува, а тоа е возењето во раните утрински часови кога возачот е уморен. Утврдено е дека младите најчесто предизвикуваат сообраќајни несреќи поради тоа што заморот го совладува организмот, без разлика на силата и енергијата што се чувствува во тој момент. Дополнително, пак, возењето во мрак е исто така еднакво опасно бидејќи побрзо се заморуваат очите, но возењето на услови кога возачот е уморен исто така може да предизвика сериозни проблеми при ракувањето на возилото.

– Основен инстинкт на организмот во борбата со заморот и сонливоста е постојаното трепкање на окото за да го одржи организмот буден. Борејќи се со сонот, се намалуваат концентрацијата и можноста за правилно расудување, се намалува перцепцијата, реакциите на екстремитетите се забавени и можноста за брзо маневрирање е отежната. Сето ова го прави возењето опасно, а грешките се толку големи што чинат живот – стои во соопштението на РСБСП.
Исто така, во раните утрински часови често се случува младите, но и сите други повозрасни категории граѓани, да возат автомобил под дејство на алкохол, а оваа појава како да станува тренд. Во согласност со тоа, возењето во раните утрински часови, покрај тоа што претставува предизвик, претставува и голема опасност, а потврда за тоа се големиот број сообраќајни незгоди што се случуваат во овој период од денот. Според статистиката на РСБСП, најчесто учесници во нив се млади возачи или возачи-почетници.

Поразителните статистики за несовесното однесување на патиштата на возачите може да се потврдат и со податоците од дневните билтени на Министерството за внатрешни работи. Зголемените полициски контроли покажаа дека возењето во алкохолизирана состојба е редовна појава на улиците во Македонија, па, така, пред неколку недели во тетовскиот регион од 348 возачи кај 29 е констатирано дека возат под дејство на алкохол, а најстрашната статистика се појави на средината на април оваа година, кога во рок од 6 часа од вкупно тестираните 726 возачи за алкохол, кај дури 248 е утврдено присуство на алкохол.
Возењето под дејство на алкохол, дрога, но и кога возачот е уморен се состојби во кои возачите можат да предизвикуваат сообраќајни несреќи. Младите треба да се информираат и да се едуцираат за последиците од овие појави, а постарите возачи не треба да се потпираат на искуството што го имаат и да ги остават возилата на паркиралиштата по ноќите изминати во скопските кафеани. Безбедноста секогаш треба да биде на прво место, а со издигање на свеста преку редовните контроли и кампањи на надлежните, смртноста на скопските улици дефинитивно ќе се намали.


Возењето под дејство на алкохол значи бавни и ненавремени реакции

Очигледна е констатацијата дека алкохолот сериозно влијае врз способноста на возачите при ракување на каков било тип возило и иако во Република Македонија не постои прецизна статистика, може да се заклучи дека значаен дел од настраданите пешаци во сообраќајни незгоди биле прегазени од возачи во алкохолизирана состојба. Според РСБСП, ризикот за учество во сообраќајна незгода со фатални последици е 4 пати повисок кај возачите на мотоцикл и на велосипед, во однос на другите возачи, а тој се зголемува драстично ако тој што ракува со возилото е под дејство на алкохол. Конкретно, алкохолот влијае врз способноста на возачите и нивното однесување на повеќе начини, односно ги намалува возачките вештини, ги нарушува психомоторните способности, ги намалува видот и слухот и ја искривува сликата за околината. Исто така, алкохолот влијае и како депресант на централниот нервен систем, па предизвикува бавни и ненавремени реакции и нецелосна перцепција на случувањата во сообраќајот, со што се намалува можноста за детектирање на опасностите.