Пресудата за поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК) Сашо Мијалков и за неколкумина припадници на поранешната единица „Алфи“ за случајот „Тортура“ ќе биде изречена денеска во Кривичниот суд.

Предметот што го отвори поранешното Специјално јавно обвинителство (СЈО) се однесува на апсењето на лидерот на Обединети за Македонија Љубе Бошкоски по парламентарните избори во 2011 година.

Обвинителството тврди дека при апсењето на Бошкоски била употребена полициска сила, при што се инсистирало уапсениот да го снимаат телевизиските камери со цел јавно да го понижат. Од друга страна, одбраната тврди дека обвинетите се невини, односно дека обвинителството нема докази и оти обвинението се темели на претпоставки.

Мијалков се наоѓа во притвор во истражниот затвор „Скопје” и веќе е осуден на 12 години затвор за предметот „Таргет-Тврдина” и на осум години затвор за „Трезор”.