Првообвинетиот и ексдиректор на УБК, Сашо Мијалков е осуден на осум години казна затвор во случајот „Трезор“.

Во отсуство поради бегство, пресуда е донесена и за поранешниот началник на Петтата управа во МВР Горан Грујевски кој доби 15 години затвор.

На второобвинетиот, како и поранешниот шеф на неговиот кабинет, Тони Јакимовски, изречена му е казна затвор од пет години. На поранешниот помошник-министер во МВР Небојша Стајковиќ, судот му изрече затвор во траење од пет години.

– Судот се убеди дека обвинетите ги сториле кривичните дела кои им се ставаат на товар. Умислено ги сториле кривичните дела, а договорите биле склучени во корист на ФИНЗИ ДООЕЛ Скопје. Сведокот Јордан Камчев ги потврди околностите дека бил сопственик на ФИНЗИИ ДОО Сад, кој кажа дека Жарко Луковски сакал да ја презеле и да работи со компанијата, па ја затворил пред 10 години. Обвинетиот Сашо Мијалков ги потврди блиските релации кои ги имал со Јордан Камчев. Судот ја ценеше и одбраната на другите обвинети – истакна судијката Џенета Бектовиќ.

Четворицата се прогласени за виновни, бидејќи судот цени дека тројцата го сториле кривичното дело злоупотреба на службената положба и овластувања, а Тони Јакимовски е осуден за помагање.

Според обвинението, во овој случај се злоупотребени над 860 илјади евра.

– Сите заедно ја искористиле службената положба и овластување. Тони Јакимовски им помогнал и прибавиле имотна корист и нанеле имотна штета на буџетот на РМ. За да набават опрема за потребите на УБК/МВР, прво, второ и третообвинетиот оствариле состанок со претставниците на ГАМА во Обединето кралство и набавиле опрема за потребите на УБК. Во текот на подготовките за набавка на опремата, одлучиле опремата да ја набават преку фирмата ФИНЗИ ДООЕЛ Скопје. Договорено било набавката да се изврши преку ова лице, кое Жарко Луковски и Сашо Мијалков го користеле за реализација на зделки. Обвинетите Сашо Мијалков и Горан Грујевски, усно наложиле на Ѓоко Поповски да започне со постапка за набавка на опрема од ФИНЗИ ДООЕЛ Скопје. Тој изготвил покана, а од ФИНЗИ ДООЕЛ Скопје испратиле понуда. Од страна на службите на УБК е изготвен договор од УБК/МВР за купување на опремата. Потоа, склучен е договор за купопродажба. Иако немало потреба за одржување на телекомуникациската опрема, било направен допис до МВР дека е потребно да се одржува набавената опрема и тоа да продолжи да го прави ФИНЗИ ДООЕЛ Скопје. Доставена е покана до фирмата, а тие доставиле понуда со спецификација за временски период од две години. Помеѓу МВР и ФИНЗИ е склучен договор за извршување на услуги, за да му се плаќа авансен паушал – рече судијката Бектовиќ.

Во завршниот збор, Обвинителството истакна дека наместо МВР да направи директна набавка на електронско-комуникациска опрема за потребите на Петтата управа при УБК од фирмата ГАМА од Велика Британија, како најекономичен начин, тие договориле набавката да се изврши преку друга фирма – посредник Финзи ДООЕЛ Скопје, со што успеале да злоупотребат средства од буџетот на државата.

Поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, обвинет во случајот „Трезор”, според неговата одбрана, во јули 2010 година во Лондон не договарал набавка на опрема за потребите на УБК. Адвокат Љупчо Шврговски, во своите завршни зборови, му предложи на судот да донесе ослободителна пресуда за неговиот клиент, тврдејќи дека јавните обвинители не го докажале обвинението.

Случајот „Трезор“ го води судијката Џенета Бектовиќ, а застапник на обвинението е ОЈО за организиран криминал, кое го презема предметот од поранешното СЈО.