Поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, сведочеше на рочиштето за „Монструм”. Тој кажа дека откако било поднесено обвинение, биле правени анализи кои биле во интерес на Управата. Обвинителката Фатиме Фетаи го праша каква анализа била направена од УБК, за која преку телефон на Гордана Јанкулоска ѝ рекол: „Направив добра анализа”.

„Анализата за која зборувам е од јануари 2013 година”, рече Фетаи, а Мијалков одговори: „Не знам за која анализа зборувате. Не можам да се сетам на комплетниот разговор за кој зборувате. Управата прави анализи за сите случаи кои се од нејзин домен”.

На голем дел од разговорите, Мијалков рече дека не се сеќава.

– За 10 години, имаме разговарано за многу луѓе. Тоа е веројатно размена на информации со странски служби – рече Мијалков запрашан дали се сеќава на разговорот меѓу него и Јанкулоска, каде се споменува некое лице именувано како Шукри Али.

Мијалков тврдеше дека УБК, немала сознание, ниту некој предочил дека ќе се случи убиството на петте лица кај Смилковско езеро.

– Немавме сонзнаија, ниту некој предочил дека тоа ќе се случи – рече Мијалков.

Тој не можеше да се сети дали зборувал со Муса Џафери за „Монструм”. Во прислушкуван разговор од 10.10.2012 година, Фетаи во судницата рече дека се слуша: „Јас се слушнав со Али, го прашав дали е во тек, рече не, прашајте таму. Проверете го новиот случај таму”, вели Џафери во разговорот, а потоа Мијалков во разговорот вели: „Стварно не сум во тек, тој е во судска постапка, ама ќе проверам”. Мијалков не се сеќаваше на овој разговор.

Мијалков на прашање рече дека обвинетите од „Монструм” ги знае по физиономија од медиумите, но не и лично.

– Целата истрага ја водеше БЈБ, беа разменувани информации на дневна основа. Поминаа 8 години, мислам дека треба да ме разберете – рече Мијалков на пршањето дали некогаш го видел исказот на загрозениот сведок.

Родителот на едно од петте убиени момчиња, Горан Наќевски имаше прашања до Мијалков. Тој праша дали е точно дека имало вмешаност на тајните служби во „Монструм”, како што Заев им кажал на мајките на убиените момчиња при средба во Владата.

– Јас можам да сведочам за она што сум го слушнал и видел. За каква вмешаност ви кажувал премиерот, јас навистина не знам – рече Мијалков.