Обвинетиот Фејзи Азири го испитуваше сведокот и ексдиректор на УБК, Сашо Мијалков. Тој се интересираше дали била побарана помош од Американската амбасада за расчистување на случајот.

– По моето приведување на први мај дали вие имате поднесено досие во врска со осомничените за петкратното убиство во Американската амбасада и дали сте побарале помош за расветлување на овој случај – го праша обвинетиот Фејзи Азири.

– Во добар дел одговорив на тие прашања. Како и за други случаи и за овој имаше размена на информации. Не можам да се сетам дали досие сум однел во амбасадата. Јас лично немам побарано помош од нив – рече Мијалков.

Разговор меѓу Орце Камчев и новинарката Оливера Трајковска беше цитиран во судницата од страна на обвинетиот Фејзи Азири.

– Има разговор во кој Орце Камчев ја информира новинарката дека е однесено досие во Американска амбасада и побарал четворица од Косово да бидат испратени од таму или они да ги земат. Кои се тие четворица? – праша Фејзи Азири.

– Јас не знам од каде Орце Камчев ги знае тие работи. Мислам дека се работи за Алир Демири и уште едно лице на кое не можам да се сетам и уште двајца на кои не можам да се сетам – одговори Мијалков.

Азири го праша Мијалков дали пред и после настанот функционирале камерите од „Смарт сити“, а тој одговори тоа да го провери во МВР.

– Не можам да знам дали пред осум години функционирале камерире или не – рече Мијалков.

Азири постсвуваше повеќе прашања, а меѓу нив има и констатации што не е дозволено. На ова до судот бурно реагираа семејствата на убиените, па преговараа, по што судот го уважи приговорот.

– Овој сам си поставува прашања, сам си одговара – рече родителот на убиеното момче, Горан Наќевски.

Обвинетиот Азири побара од Мијалков да каже дали имало барање од ДУИ да не се направи истрага за некое лице или група, односно дали трпел притисоци.

– УБК никогаш не барала поддршка во работењето од политичка партија – рече Мијалков.

Прашањата од Азири кон Мијалков траеа скоро еден час. Тој следно го праша “Како ви дојде идеја да го истражувате случајот само од една страна, само за инволвираност на Албанците?”

– Јас како директор на УБК, од информациите кои добивав од моите потчинети, можам да ви кажам дека на почетокот ние немавме никакви информации. Така што тоа што го кажавте е неточно. Истрагата беше во многу насоки. Материјалните докази нѐ насочија, но и други докази како ПИ-мерките итн. Од првиот ден немаше никакви инфорамции за која група се работи, а се најде како резултат на 20-дневното перманентно работење на МВР – одговори Мијалков.

Ексдиректорот на УБК, беше запрашан од обвинетиот за автомобилот „опел омега“.

– Возилото беше од Швајцарија, преку Косово влезено во Македонија – рече Мијалков.

Азири праша дали Мијалков пред убиството на Смилковско езеро, добивал информации од Љупчо Тодоровски, Синиша Алексовски, што пак, ексдиректорот на УБК, веднаш негираше.