Поранешниот разузнавач, а сега советник во Владата, Зоран Верушевски, кој се појави како сведок и поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков, кој е обвинет во „Таргет-тврдина“, се соочија на денешното рочиште за случајот.

Судот го одби барањето на обвинителката Ленче Ристовска која побара Обвинителството да постави дополнителни прашања за правилно утврдување на фактичката состојба, со образложение оти на минатото рочиште нејзиниот колега Артан Ајро изјавил дека нема повеќе прашања.

Згора, судот укажа дека Обвинителството може да постави дополнителни прашања на крајот од постапката. И Мијалков и одбраната се изјаснија дека немаат прашања за сведокот Верушевски.

Во предметот „Таргет-Тврдина“ на Специјалното јавно обвинителство обвинети се поранешниот началник на Петтата управа во МВР Горан Грујевски, Никола Бошкоски, поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, поранешниот директорот на УБК Сашо Мијалков, Тони Јакимовски, Владимир Варелов од УБК и уште пет други лица од Управата.

Според обвинителниот акт, преку три системи за следење на комуникациите во УБК, во периодот од 2008 до 2015 година незаконски биле следени 4.286 телефонски броеви за кои воопшто не биле издадени судски наредби.

Комуникацијата била следена пред да бидат издадени и по завршување на траењето на важноста на судските наредби на 1.541 број или вкупно 5.827 телефонски броеви. Прислушувани биле над 20 илјади граѓани.