Судењето за набавката на електронско-комуникациска опрема за потребите на Петтата управа при Управата за безбедност и контраразузнавање, познат како случај „Трезор“ на Специјалното јавно обвинителство, продолжува денеска во Кривичниот суд со изнесување материјални докази.

Обвинети се поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, кој издржува 30-дневен притвор и денеска во судот треба да биде спроведен од затворот „Скопје“, поранешниот шеф на неговиот кабинет Тони Јакимовски и поранешниот помошник-министер во МВР, Небојша Стајковиќ.

Според обвинителниот акт, со основниот договор буџетот на РМ бил оштетен за над 13 милиони денари, додека, пак, со двата анекса за дополнителни 13 милиони и 222 илјади денари, со што државата ја оштетиле за околу 27 милиони денари.