Сашо Трајковски, началник на сектор за комуникации во УБК во денешното сведочење во кривичниот суд за случајот „Таргет-Тврдина”, кој се однесува на нелегалното прислушување, изјави дека по усмена наредба на обвинетиот началник на УБК, Горан Грујевски, во 2015 година изготвил извештај за системот за прислушување „Најс” каде што пишува дека повеќе не е во состојба да следи телефонски и интернет комуникации и со оглед на тоа треба да биде уништен.

Извештајот бил напишан на 17 февруари 2015 година, а системот „Најс” е исклучен на 27 март истата година. Една година подоцна, опозициската СДСМ ги објави првите нелегално прислушувани разговори од овој систем за следење на комуникации.

Според Трајковски, не било нужно да дојде до промена на целиот систем и истиот да биде уништен, туку тој проблем можело да се реши и со замена на еден од серверите, но тоа, како што вели, не е одлука на инженерите, туку на директорот и на министерството.

Обвинетиот поранешен директор на УБК, Сашо Мијалков го запраша Трајковски како успеал да констатира дека нелегално се прислушува во Управата.

На ова Трајковски одговори дека тоа било сосема случајно по дојава за проблем во системот. Почнал да го сервисира системот и со цел да провери дали е се во ред притиснал на таргет со име „Лијаве”. Снимената комуникација започнала со емитување по што соговорникот на почетокот се обратил со „господине Рамковски”. По ова Трајковски сфатил дека станува збор за Велија Рамковски и дека истиот се прислушува без судска наредба.

По ова Мијалков ги запраша Трајковски зошто воопшто „чепкал” каде што не му е место и како тоа од 20 илјади цели стиснал токму на Велија Рамковски. Трајковски одговори дека случајно ја избрал целта „Лијаве” и дека покрај сервисирањето, негова должност е да не се дозволат хакерски упади и поставување на таргети без судска наредба.

Според обвининието, преку три системи за следење на комуникациите во УБК, во периодот од 2008 до 2015 година незаконски биле следени 4.286 телефонски броеви за кои воопшто не биле издадени судски наредби. Комуникацијата била следена пред да бидат издадени и по завршување на траењето на важноста на судските наредби на 1.541 број или вкупно 5.827 телефонски броеви. Прислушувани биле над 20 илјади граѓани.

Сашо Мијалков и Горан Грујовски, заедно со Гордана Јанкулоска и Никола Бошкоски се товарат и за уништување на системот за прислушкување на МВР и интермедијациските уреди на операторите во вредност од 1.418.879 евра, а Валентина Симоновска за фалсификување службен документ.