Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, обвинува дека МВР издава фалсификувани пасоши на криминалци. Тој вели дека издадените пасоши се легални, но со лажен идентитет. Според него, Зоран Заев и Оливер Спасовски ја имаат ставено државата на тацна на балкански криминалци.

– Кога пред неколку месеци кажав дека со државата владее мафија, ми беше кажано дека сум престрог во моите квалификации. Тогаш иако знаев за што станува збор имав само индиции, а денес имам и докази за тесна поврзаност на мафијата со највисоките структури на власта во Македонија. Заев и Спасовски ја имаат ставено на тацна државата на балканските криминални структури, кои важат за најсилни во источна Европа. Аферата „Мафија“ потврдува дека државата станала гнездо, таа е закрила и соработувала со балканските наркобосови, барани за убиства, насилство. Државата станала услужен центар. Свиркач достави информации дека постои организирана мрежа за издавање и изработка патни исправи, кои се давале на високи мафијашки структури и тоа директно во МВР. Најскапото се добивало најевтино. Се работи за легални пасоши, одобрени, изработени од МВР, но со украден идентитет. Нашите информации говорат дека овие пасоши се стотици. Истите биле посакувани од сериозно криминални структури, бидејќи добиле ретка можност со легални пасоши и фалсификуван идентитет да патуваат и да ги завршат своите криминални бизниси – рече Мицкоски.

Според него, лицата кои ги поседувале пасошите со украден идентитет, а за кои кажа дека се легално издадени од МВР, можеле да перат пари со отворање сметки во разни држави.

– Ваков пасош има и лицето Јован Вукотиќ, кој медиумите го посочуваат како водач на Шкаљарскиот клан. Пасошот бил на име Андонов Ѓорѓи. Вукотиќ пред белградскиот суд сам признава дека добил пасош со легален идентитет. Истиот е уапсен во Турција и депортиран во Србија, каде има осудителна пресуда поради поседување фалсификувана патна исправа. Тој кажал дека дошол во Македонија, дал отпечаток, дека на патната исправа е со негова слика, но името не е негово туку на Ѓорѓи Андонов. Вториот е Седат Пекер на име Џадин Адемовски, кој доколку се провери фигурира и во Избирачкиот список, има право на глас. Може да се претпостави дека ова лице и гласало на некои избори – објасни Мицкоски.