Превозникот „Беса Транс“ вршел злоупотреба на извод од лиценца од друго возило и свесно го прекршувал Законот, соопшти денеска Министерството за транспорт и врски.

Во соопштението се наведува дека броевите на изводи на лиценци кои се евидентирани во Царинската управа при влез и излез и со кои што се шпекулира во јавноста, во ниту еден случај на се во сопственост на опожарениот автобус на превозникот „Беса Транс“.

Министерството посочува дека тие не се органот што треба да каже како превозникот вршел влез и излез од земјата, тоа требало да го кажат меѓународните и домашните истражни органи.

За опожарениот автобус превозникот „Беса транс“ немал извадено извод од лиценца за вршење на меѓународен слободен превоз на патници и овој автобус не е евидентиран во електронската база на Министерството за транспорт и врски.

Согласно Законот за превоз во патниот сообраќај член 11 став 1, се вели дека превозникот може да започне да врши превоз на патници во внатрешниот и меѓународниот патен сообраќај, откако ќе добие лиценца за фирмата и извод од лиценца за моторно возило. Поради тоа, Министерството за транспорт и врски ја одзеде лиценцата на вршење на дејност на превозникот Беса Транс БТБ, се вели во соопштението од Министерството за транспорт и врски.