Презентирана електронска комуникација помеѓу Јанакиeски и Канчевска-Милевска на рочиштето за „27 април“

Со порака пратена од Елизабета Канчевска-Милевска до обвинетиот Миле Јанакиески, во која пишува „Миле, има нешто ново“, при што тој одговара, со „не“, почна интегралното читање на електронската комуникација помеѓу нив, на денешното рочиште за случајот „Организаторите на 27 април“. Материјалните докази објавени од Обвинителството го опфаќаа периодот од 21 февруари 2017 година.

Во продолжение  на пораките, Јанакиески и Канчевска-Милевска зборуваат за уметници од разни градови од Македонија. Јанакиески во една од пораките до Канчевска-Милевска, се жали за озвучувањето на еден протест пред Владата.

Освен електронската комуникација тие имале средби и во седиштето на партијата ВМРО-ДПМНЕ, како што произлезе од денеска презентираните докази.

Во овој предмет обвинети се поранешниот собраниски спикер Трајко Вељаноски, поранешните министри за транспорт и врски и за труд и социјална политика Миле Јанакиески и Спиро Ристовски, како и поранешниот директорот на УБК Владимир Атанасовски. Според обвинението тие се осомничени за кривичното дело терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста. Судењето за овој случај го води судијата Илија Трпков, а застапник на обвинението е јавниот обвинител Вилма Рускоска.