Фото: Архива

Адвокатите на обвинетите за организација на настаните од 27 април денеска ги даваат воведните зборови за случајот. Адвокатот Еленко Миланов, кој е бранител на Трајко Вељаноски, Спиро Ристоски и на Миле Јанакиески, рече дека одбраната ќе докаже дека никој не бил организатор на упадот во Собранието и дека Вељаноски го почитувал деловникот. Миланов рече дека ќе се докаже дека Јанакиески и Ристовски не биле на иста базна станица со Александар Василевски Нинџа, кој ги посочи двајцата како организатори. Миланов вели дека Нинџа воопшто не ни бил во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ. 

Според него, немало организиран превоз од страна на Јанакиески и Ристовски до Собранието тој ден и дека во пораките што тие ги праќале до месните комитети немало ништо поттикнувачко или насилно.

На обвинителна клупа за организација на настаните од 27 април се експретседателот на Собранието Трајко Вељаноски, поранешните министри Миле Јанакиески и Спиро Ристовски, како и ексдиректорот на УБК Владимир Атанасовски.Тие се товарат за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста, а за бегалците – експремиерот Никола Груевски и Никола Бошковски од УБК постапката беше запрена до нивно пронаоѓање, бидејќи едниот избега во Унгарија, а другиот во Грција.

Техничкиот премиер Оливер Спасовски требаше да се појави како сведок, но неговото сведочење беше одложено поради тоа што во 14 часот Апелацискиот суд на јавна седница треба да одлучува за притворот на обвинетиот Јанакиески и ќе немаше доволно време.