Поранешната министерка за труд и социјална политика Рашела Мизрахи вчера во 23.40 часот пријавила во полиција дека во неколку наврати била следена од непознати лица, а дел од нив и упатувале и закани.

Според пријавата, на 03.06.2020 околу 18 часот пред училиште во населбата Синѓелиќ, додека била на состанок на политичка партија, возило „голф“, со кумановски регистарски таблички, во повеќе наврати кружело околу местото. Истиот ден, околу 19 часот, на друг состанок во Хиподром клуб, две непознати лица ја фотографирале со телефони и побегнале, а потоа во 20.30 часот пријавителката се упатила кон својот дом на ул. Орце Николов и кога излегла од возилото пред влезот на зградата ја дочекало непознато лице ја фотографирало и веднаш побегнало.

– Според пријавителката, и на 01.06.2020 околу 19.20 часот на крстосницата на булеварот Илинден со ул. Никола Тесла од патничко возило „ауди“ излегол сопатникот, се упатил кон нејзиното возило, упатувајќи ѝ закани. Исто така, пријавителката навела дека и претходните месеци во неколку наврати била следена од возила (црн џип и голф), а пак, во периодот јануари/февруари годинава, во неколку наврати непознати лица во доцните ноќни часови помеѓу 00.00-03.00 часот ѕвонеле и тропале на вратата од нејзиниот стан. Во целиот овој период пријавителката навела дека во повеќе наврати добивала пораки на Фејсбук со заканувачка и навредлива содржина, кои дополнително ќе ги приложела – соопшти МВР.