Најмногу мигранти умираат во Средоземно Море

ПАТОТ НА МИГРАНТИТЕ Е ДОЛГ И ТЕЖОК

Најголемиот број несреќи на мигрантите се случуваат во Средоземно Море. Маршрутата од Северна Африка кон Италија се смета за една од најризичните

Според интернационалната организација за миграција „Проект исчезнати мигранти“, која работи на собирање податоци за миграцијата, меѓу кои се и несреќите со кои се соочуваат мигрантите, голем е бројот на загинати и исчезнати мигранти.
Оваа организација е единствена во светот што работи на собирање податоци за мигрантите, односно за оние што се исчезнати и починати во светот. Откако почнале со работа во 2014 година, досега евидентирале смрт и исчезнувања на повеќе од 33.400 жени, мажи и деца. Најголемиот број несреќи се случуваат во Средоземно Море, каде што повеќе од 18.500 лица го загубиле животот. Маршрутата од Северна Африка кон Италија се смета за една од најризичните маршрути, кои одзеле дури 15.500 животи, од јануари 2014 до октомври 2019 година. Повеќе од 7.400 мигранти го загубиле животот на африканскиот континент, од кои најголемиот дел се случиле при транзитот преку Сахара. Во последните пет години, повеќе од три илјади лица починале за време на миграција во Азија. Во Соединетите Американски Држави пак, повеќе од 3.600 лица починале, во најголем дел на границата помеѓу САД и Мексико.

Само во 2014 година на мигрантските патишта во светот биле регистрирани повеќе од четири илјади смртни случаи. Бројката на починати претставува минимален број, бидејќи многумина во потрагата по подобар живот завршуваат незабележано, исчезнуваат без да има каква било трага. Уште од 1996 година се евидентирани повеќе од 75 илјади мигрантски несреќи. Овие податоци не само што покажуваат колкав е бројот на несреќите со кои се соочуваат мигрантите, туку ги покажуваат и ризиците што тие ги преземаат за да пронајдат подобра иднина за себе и за најблиските.

Неодамна во Хрватска беа пронајдени телата на двајца мигранти во реката Мрежница. Телата биле веќе во фаза на распаѓање и можно е да се удавиле уште пред да се случи епидемијата на коронавирусот. Според истрагата, едниот од нив е можно да е од Египет, а другиот не било можно да се идентификуван поради состојбата на телото. Полицијата трага и по едно лице од Мароко што исчезнало во оваа река. Неговата фамилија го бара и тврди дека, и покрај тоа што се финансиски добро ситуирани, сепак, тој на такво патување се одлучил поради каприц.

Низ Балканот и Босна и Херцеговина тој патувал заедно со помала група мигранти, а минатиот месец му се изгубила секаква трага. Неговите пријатели ѝ изјавиле на полицијата дека исчезнал на крајот на месецот, но всушност тој исчезнал седум дена претходно. Покрај него, истата вечер исчезнал уште еден мигрант.
Хрватската полиција во изминатите четири месеци евидентирала 574 случаи на незаконско преминување на границите, што во однос на истиот период минатата година е пад од 64,52 проценти, што најверојатно е резултат на затворањето на границите поради епидемијата на коронавирусот.

Сепак, бројката на лица што се обидуваат да заработат со шверцување мигранти не е значително помала. За првите четири месеци од оваа година, хрватската полиција евидентирала 230 лица што шверцувале мигранти, додека лани во истиот период биле евидентирани 266 лица, што е пад од само 13,53 проценти.
Сѐ поголем е бројот на мигранти што се обидуваат да влезат во Хрватска преку Босна и Херцеговина. Полицијата добро ги обезбедува границите, но, сепак, многумина се обидуваат да влезат во земјата преку реките, кои честопати се кобни за нивниот живот. При обид да влезат нелегално во Хрватска преку река, мигрантите се дават, па воопшто и не го завршуваат својот пат.

Обидите за заработка со пренесување мигранти се доста чести и во Македонија. Само овие денови се евидентирани неколку случаи кога полицијата успешно спречила шверцување мигранти. Во еден од многуте случаи станува збор за велешанец, кој во патничкото возило пренесувал 12 мигранти од Авганистан и од Иран.

[email protected]