Фото: Игор Бансколиев

Министерството за здравство ја поздравува постапката на Основното јавно обвинителството кое ја води истрагата за избувнувањето на пожарот во мобилниот ковид-центар во склоп на Клиничката болница во Тетово.

– Ја информираме јавноста и истражните органи дека стоиме на располагање на сите институции и сакаме да соработуваме и да ја приложиме целокупната документација со која располагаме, за поставувањето на сите 17 регионални ковид-центри во државата – велат од министерството.

Од таму велат дека сите стручни технички извештаи се достапни за увид.

– Информираме дека откако изведувачот ќе ги поставеше модуларните контејнери, се вршеше примопредавање на истите. Примопредавањето го правеа инженери од МЗ, МТСП, како и претставници од изведувачот и болниците, со што модуларните контејнери се предаваа на болниците во целост согласно техничките спецификации од договорот. Министерството за здравство не сакајќи да се меша во јавно обвинителските одлуки и дејствувања, ниту да наштети на независната истрага која ја водат Основното јавно обвинителство и Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, по претходна нивна дозвола, документацијата со која располагаме подготвени сме да ја доставиме на увид – се наведува во соопштението.