Медицинска сестра од Клиниката за ортопедија е обвинета дека за операција барала и добила 300 евра, бонбониера и пијалок. Во полиција ја пријавиле докторите кои ја направиле операцијата, а на кои им дала дел од парите, бонбониерата и пијалокот. Основното јавно обвинителство Скопје поднесе обвинение против сестрата на возраст од 54 години за примање награда за противзаконито влијание.

– Обвинетата, на возраст од 54 години, во периодот од 23 до 28.9.2020 година, како медицинска сестра на Универзитетската клиника за ортопедија, од синот на пациентка која требало да се оперира побарала 300 евра, бонбониера и пијалок, наводно како награда за докторите што ја извршиле операцијата. Наградата ја побарала со порака испратена до член на семејството на пациентката. Откако ѝ биле дадени 300 евра, таа 150 евра задржала за себе, а ќесата со останатите 150 евра, бонбониерата и пијалокот ја предала на двајцата доктори, без да им каже зошто им ги дава. Кога докторите виделе што има во ќесата, настанот го пријавиле во полиција – сопшти Обвинителството.

Јавен обвинител до Основниот кривичен суд Скопје достави и предлог за опеределување мерки на претпазливост за обвинетата – забрана за напуштање на живеалиштето/престојувалиштето и забрана за преземање определени работни активности кои се поврзани со кривичното дело.​​