МВР регистрира уште шест нови инциденти за време на референдумското изјаснување по претходно евидентираните седум.

Како што соопшти, во СВР Скопје било пријавено дека на гласачко место во село Визбегово, семејство дошло на гласање со нивниот малолетен син кој фотографирал во просторијата. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

Лице од Брвеница пријавило дека кога одело на гласање со неговата сопруга, В.С. му упатил навредливи зборови. Во кординација со јавен обвинител се преземаат мерки за расчистување на случајот.

Во СВР Тетово е пријавено дека близу училиштето „Гоце Делчев” во Тетово повеќе лица вршеле снимање и фотографирање гласачи. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

Во училиштето „Братство” во Скопје, Б.С., заменик член на Избирачкиот одбор, омаловажувал полициски службеник. Се преземаат мерки за расчистување на случајот. 

Во СВР Струмица било пријавено дека во близина на училиштето „Кирил и Методиј” во радовишкото село Ораовица се пронајдени летоци со содржина поврзана со референдумот.

Во дворот на основното училиште „Живко Брајковски“ во Скопје З.Ј.(42), кој имал беџ на набљудувач, и Г.Ж.(38) го нарушиле јавниот ред и мир со меѓусебно карање, викање и непристојно однесување. По преземени мерки, лицата биле приведени во Полициската станица Чаир и се работи на расчистување на случајот.