За 73 отсто е намален бројот на жртви на сообраќајниците во септември оваа година, соопштија денеска портпаролот на МВР, Тони Ангеловски, и претседателката на РСБСП, Гордана Кожуваровска. Во септември 2021 има четири жртви во сообраќајни несреќи, а во септември минатата 2020 година имало 15.

– За 73 отсто е намален бројот на жртви на сообраќајниците во септември 2021. Во септември 2021 има четири жртви во сообраќајни несреќи, а во септември минатата 2020 година имало 15.Ова е сериозно намалување, но ние продолжуваме со интензивните активности за овие бројки да се намалуваат и натаму и ги повикувам и оние граѓани кои до сега не ги почитуваа правилата да ни се приклучат и сите заеднички да обезбедиме безбедни патишта. 2020 беше најбезбедна година според бројот на жртви на патиштата, но првите девет месеци од 2021 покажуваат дека оваа година е со најмал број на жртви на патиштата – рече Ангеловски.

За дополнително намалување на бројот на жртви во сообраќајни незгоди, тој најави дека МВР продолжува со засилени контроли за санкционирање на учесниците во сообраќајот кои не ги почитуваат законите.

– Во текот на вчерашниот ден санкционирани се 368 возачи поради возење со брзина поголема од дозволената, а синоќа санкционирани се и 141 пијани возачи. Засилените контроли продолжуваат и денеска и во наредните денови – рече Ангеловски.