Од Министерството за внатрешни работи информираат дека и годинава спроведуваат превентивна кампања со цел на граѓаните да им се укаже за можните последици од употребата на петарди и други пиротехнички средства, особено актуелна пред и за време на новогодишните и божиќните празници.

МВР презема и репресивни мерки, со цел санкционирање на употребата на петарди и други пиротехнички средства и ги потсетува граѓаните за законските одредби во кои е санкционирана употребата на пиротехнички средства и нивната нелегална продажба.

– Законот за прекршоци против јавниот ред и мир во член 31 предвидува глоба во износ од 200 до 500 евра во денарска противвредност за оној што неовластено пука од огнено оружје, употребува пиротехнички средства или сличен експлозивен или лесно запалив материјал или, пак, на сличен начин ги нарушува мирот и безбедноста на граѓаните – информираат од МВР.

Од Министерството додаваат дека во согласност со Кривичниот законик, во член 396 е предвидено недозволеното изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи, при што оној што неовластено изработува, држи, продава, набавува или врши размена со огнено оружје, муниција или експлозивни материи, ќе се казни со затвор од три до десет години, а ако предмет на делото од став 1 е поголемо количество огнено оружје, муниција или експлозивни материи или, пак, огнено оружје, муниција или експлозивни материи, кои на граѓаните им се забранети, сторителот ќе се казни со најмалку пет години затвор.