Скопската полиција во изминатите денови интензивно работеше на расчистување на двата настани во кои беа инволвирани навивачки групи и граѓани во Скопје, на подрачјето на Центар и Ѓорче Петров, информираат од МВР.

По обезбедувањето на видео записи и разговори со лица инволвирани во настаните од 13 и 19 септември, во полициска станица биле повикани 16 лица, а се преземаат и дополнителни мерки во оваа насока.

За сите досега преземени активности до Основното Јавно обвинителство во Скопје е доставено известување за настанот од 19 септември, додека за настанот од 13 септември известување ќе биде доставено во текот на утрешниот ден.

МВР воедно апелира до сите навивачки групи и до сите граѓани да се воздржат од упатување пораки кои предизвикуваат и поттикнуваат омраза или насилство врз основа на расна, национална и верска припадност.

Оваа информација од МВР се однесува на инциденти поврзани со навивачката група комити, чии членови во однос на првиот инцидент беа јавно осудени и од вицепремиерот Артан Груби за недолични скандирања во пресрет на натпреварот со Шкупи.

Викендов беше регистриран уште еден сличен инцидент во населбата Ѓорче Петров каде што дел од членовите на групата насочија недолични скандирања кон група граѓани од албанска етничка припадност.