Највозрасниот од наркобосовите кои се осомничени во истрагата за предметот „Планина“ има 42 години, а најмладиот, пак, има 20 години. Министерството за внатрешни работи ги објави меѓународните потерници по нив, а по наредба од Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, кое се сомнева дека шетмината се избегани надвор од државата. Петмина од нив се од Грчец, а еден од Гази Баба. Дека се бараат со потерница, известен е и Интерпол. По сите се трага поради сомневање дека сториле кривично дело неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори.

„Бајрами Седат, од т.Абдиљ м.Фазиле, роден 10.07.1989 година во Скопје, а живее во с.Грчец-Скопје на ул.„5“ бр.18. Зендели Егзон, од т.Муамер м.Зумрије, роден 10.09.2000 година во Скопје, а живее во с.Грчец-Скопје на ул.„5“ бр.21. Љатифи Бесир, од т.Вазул м.Назире, роден 30.09.1991 година во Скопје, а живее во с.Грчец-Скопје на ул.„6“ бр.4. Љатифи Сенад, од т.Вазул м.Назире, роден 14.07.1994 година во Скопје, а живее во с.Грчец-Скопје на у.„6“ бр.4. Муареми Иљаз, од т.Беџет м.Фекрие, роден 01.09.1978 година во Скопје, а живее во с.Грчец-Скопје на ул.„5“ бр.3. Рогачи Исмаил, од т.Насер м.Мируше, роден 08.03.1993 година во Скопје, каде и живее на ул.„Ордан Чопела“ бр.75-а“, се имињата на наркобосовите по кои се трага, објавени на страницата на МВР.

Од Обвинителството не сакаат да образложат како осомничените успеале да избегаат, иако обвинителката Вилма Рускоска кажа дека им биле следени комуникациите, но и физички биле пратени. Повикувајќи се дека е во интерес на постапката да не се споделуваат детали со јавноста, не одговараат ниту зошто акцијата била спроведена, во моменти кога се знаело дека е пробиена.

„Обвинителството не е во можност да споделува детали во врска со начинот и постапката за преземање на ваквите дејствија. Планирањето на операциите е предмет на оперативно-тактички доктрини кои се резултат на тимска работа на интердисциплинарни истражни тимови, а одлуката за секој чекор се носи по проценка на сите аспекти на конкретниот случај“, велат од Обвинителството.

Инаку, во петокот, со акцијата „Планина“ беше уапсено 21 лице, за кои обвинителката Вилма Рускоска кажа дека се продавачите на дрогата.

Наркобосовите избегаа, а за акцијата, обвинителката кажа дека била пробиена. Тие успеале со себе да ја понесат и дрогата, а во моментот на спроведување на акцијата, локациите каде се чувала биле исчистени. Во акцијата не се запленија ниту најлуксузните возила кои ги поседуваат водачите на групите, а пронајдени се само клучевите од нив.